Струмица

Манастир Воведение на Пресвета Богородица Елеуса

БЈР Македонија, Југоисточен регион
GPS: 41.474728,22.563511

Доколку тргнувате од Скопје, патот ве води преку Велес, Штип и Радовиш кон Струмица. Малку пред Струмица (имате табла) вртите десно и од магистрален, возите по локален пат. Прочитај повеќе

Патот е долг 150 километри.

Ако за Охрид велат дека го чуваат 365 цркви, за Струмичко приказната би можела да гласи - со манастири. Велјуса е типично рурално македонско село, сместено во Струмичкото Поле. На едно карпесто плато некако затскриено од манастирските порти, се забележува само дел од она што очекувате да видите.

Порано селото се викало Палеокастро, но откако е изградена црквата, посветена на Богородица Елеуса (Милостива), селаните кога доаѓале накај црквата викале: Одиме во Елеуса… Велеуса. Станува збор за народно предание, кое се смета и за најверодостојно.

Се искачуваме кон портите. Рано утро е и тивко ја отворам портата. Здивот застанува. Древна црква и неколку новоизградени комплекси во македонско-византиски стил на ѕидање (кршен камен и тула). Прекрасно уреден парк  и камени патеки што ве водат до секој дел одделно. И тиса во култивирана варијанта.

Архитектите црквата ќе ја опишат како четириконхална, со осмоаголна купола. Во доста оштетениот фрескопис се издвојуваат фрески од два периода на настанување: делумно зачувани фрески во олтарниот простор, тамбурот на куполата и јужниот параклис од времето на подигнувањето на црквата и фрески од втората фаза (од 12 век), кои се наѕираат во егзонартексот на западниот и на северниот ѕид од јужниот трем.

Во внатрешноста на црквата се зачувани оригинални делови од најстариот мермерен иконостас и фрагменти од мозаичните декорации на подот. Мошне е ретка и фреската на Исус во куполата, бидејќи Исус ретко се прикажува  како дете на 12 години. Во својата историја, долга 1.000 години, манастирската црква на еден тивок начин претставува сведок на времето и на случувањата низ него.

Над главната врата на црквата стои копија (оригиналот од овој, но и од вториот натпис, во текот на Првата светска војна биле извадени и однесени во Бугарија, каде што и денес се  чуваат во Софискиот музеј) од мермерната плоча со натпис на ктиторот, од 1080 година, во кој на грчки е запишано: „Се обнови од основа овој храм на Пресветата Богородица Милостива (Елеуса) од монахот Мануил, кој стана епископ на Тивериопол во годината 6588 (1080)
индикт 3“.

Во овој манастир живеат десетина монахињи. Денот им почнува и им завршува со молитва. Молитвата со усните тивко си ја кажуваат во текот на целиот ден.

Со овој подвиг на постојано кажување на молитвата, поврзан е и подвигот на незборување, поточно, нивната комуникација е сведена на минимум.
Сестрите ќе речат: „Зборуваме само за неопходните работи, за да не се губи време и да се расејува умот“.

Монаштвото во Македонија, според пишаните документи, има вековна традиција. Првите докази историчарите ги наоѓаат во Типикот испишан од епископот Мануел , некаде меѓу 1085 и 1106 година.

E-Весник

Име:
Email: